Универзитетска клиника за трауматологија Скопје
Се започна во далечната 1967 година, кога е формирана тогашната Клиника за хируршки болести. Во рамките на истата, неколку години подоцна се издвојува Оддлението за трауматологија. Во алманахот „Дваесет години на Клиника за хируршки болести (1947-67)” стои: „Трауматологијата, која се повеќе регистрира политрауми, е предводена од екипа чиј шеф имаше можност да ја изучува проблематиката во Лондон и Бирмингем. …овде доаѓаат комплицирани и често запуштени болни, што имаат потреба од ренонструктивни потфати, при што на преден план секогаш биле усилбите за максимално зачувување на функцијата на екстремитетите. Посебен придонес претставуваат зафатите кај комплицирани преломи на екстремитетите, таму каде што не постојат контраиндикации, веднаш да се стартува со примарна остеосинтеза.
Во описот на шефот, секако ќе го препознаеме ликот и делото на Др Душан Жерајик, основоположникот на соврмената трауматолошка мисла во Македонија. Од денешна перспектива во потполност можеме да се согласиме со целите на третманот на повредените пациенти, кои до ден денес, останале исти: функционален и безболен екстремитет, способен за обавување на секојдневни животни, работни и спортски активности. Се разбира за остварување на овие навидум едноставни цели, потребни се промптни, соодветни и засновани врз современата научната мисла, процедури и оперативни третмани кои ќе го вратат повредениот пациент што е можно побргу во негово нормално животно и работно функционирање.
Овде треба да се одбележат напорите на плејада хирурзи трауматолози (Савески, Тодоров, Симеонов, Велковски, Гавриловски), кои од своите стручни престои во странство ги донесоа во Македонија, современите методи за оперативен третман на повредите на рбетниот столб, на долгите коски, како и повредите на карличниот прстен, во реалтивно исто време со нивното пајавување на сцената на европската и американската трауматологија. Така, Клиниката за трауматологија прерасна во современа модерна установа која ги диктира современите текови во регионот особено во областите, на патологијата на рбетниот столб ( повреди, дегенеративни болести и тумори) во смисол на транспединулараната фиксација на истиот, како и методите на предната и задна декомпресија на рбетниот столб, отворената репозиција и остесинтеза на комплексните повреди на карлицата и ацетабулумот, интрамедуларnата фиксација на долгите коски, решавањето на комплексните интраартикуларни скршеници според принципите на AО школата вклучувајки ги тука сложените повреди на лактот, рамото, рачниот зглоб, скочниот зглоб, талусот и калканеусот. Исто така, Клиниката за трауматологија е лидер во наша земја во третманот на политраумтизираните пациенти, геријатриската траума како и артроскопската хирургија, особено на коленото со хирургијата на предниот вкрстен лигамент.
Стручниот колегиум на Клниката за трауматологија, секојдневно вложува максимални напори за одржување на највисокиот можен стандард во згрижувањето на повредените со неуморна работа како во тек на редовниот оперативен програм, така и со пожртвувана работа во попладневните и ноќите саати, кога дежурните доктори, без одложување се впуштаат во решавање на сложени повреди кои бараат итен третман во првите часови по приемот на пациетите. Овде би сакале да ја истакнеме и соработката што на ова поле, Клиниката за трауматологија ја остварува со своите колеги анестезиопози од КАРИЛ. Така мината година, на Клиниката беа згрижени околу 1700 пациенти, од кои кај 1500 беа извршени оперативни интервенции.
Докторите вложуваат дополнителни напори за усовршување на нови техники за примена на современи остеосинтетски импланти, како употреба на минимални инвазивни остеосинтетски заклучни плочки, нови типови на интрамедуларна фиксација, ендопротетски процедури, како и современи импланти во решавање на проблемите на рбетниот столб, во смисол на употреба на вертебропластика, заместување на прешленските тела со т.н. кеиџ импланти, и други системи за задна и предна фиксација на рбетниот столб.
Особен проблем во изминативе години претставуваат и пациентите со фрактури, настанати како последица на намалена густина, односно квалитет на коската, т.н. ниско енергетски фрактури. Проблемите во решавање на овие, во литературата познати и како fragility fracture, се многукратни. Почнувајки од правилен избор на оперативна техника и процедура, правилен избор на остеосинтетски имплант како и паралелно решавање на коморбидитетните сосотојби од типот на срцеви заболувања, диабетес меллитус, дегенеративни болести и сл, кои се редовен придружник кај овој тип на пациенти.
Исто така, амбулатно-поликлиничиот дел е составен од две амбуланти и една гипс сала, кои функсионираат секој работен ден, со зголемен капацитет со фреквенција од ************ прегледи и интервенции на годишно ниво.
Имајќи во предвид дека се работи за десетина специјалисти, кои што активно работат и оперираат на Клиниката за Трауматологија, тоа е доста обемен опсег на работа, со кој Клиниката за Трауматологија успешно натадневно се справува, со поминаити многу работни часа во операциона сала.
Потребно е голема доза на ентузијазам, па ако сакате и чист алтруизам за обавување на ова специфична дејност. Резултатите од нашата работа, задоволството по успешно завршеното лекување, на повреди и болести кои од корен и само во еден миг на незгода го менуваат животот на нашите пациенти, е големо. Но сепак. очекуваме од нашето општество да го препознае овој напор што докторите на Клиниката за трауматологија секојдневно го вложуваат и да одговори соодветно, со подобрување на севкупниот статус на хирургот во нашето општество, кое во моментот не е на посакуваното ниво.
Во склоп на Клиниката за Трауматологија активно функционира Спиналниот Центар, каде се третираат најкомплексните случаи на спинална патологија, вклучувајќи ги тука скршениците на рбет, дегенеративните состојби на рбетниот столб, туморите и инфекциите на рбетникот, како и во последно време со помош на странски експерти, интензивно се работат и корекциите на деформитетите на рбетниот столб во сите негови форми, од јувенилни, адолешентни, како и дегенеративните форми на деформитети на рбетниот столб.
Сериозно е пристапено кон дигитализација во нашата област, и се вршат интензивни припреми за имплементација на истата со мошност за чување и сортирање на радилошните иследувања, клучни во процесот на евалуација на нашата работа. Можноста за софтверско решение за сортирање и чување на целокупната медицинска документација, значајно би ја олеснипо нашата публицитичка дејност.