Во склоп на одблежување на Европскиот ден за органодонорство и трансплантација, 10 октомври, Клиниката за ортопедски болести при ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ Скопје, потпиша четири годишен договор за соработка со Банката за крв и ткива од Барселона, Шпанија со што се отвара ново поглавје од областа на трансплантационата медицина на коскените ткива во земјава.
Во склоп на договорт е предвидено вработените од двете институции да имаат можност за размена на искуства, престој и едукација како во Ткивната банка во Барцелона така и можост за посета на експерти од Барцелона на Клиниката за Ортопедија во Скопје.
Инаку, Банката за крв и ткива во Барселона е една од најголемите во Европа и светот со околу 800 вработени. Само во 2020 година, направени се 882 донации на ткива и клетки со 664 примероци за ткивна банка и вкупно 182.507 крвни, ткивни и клеточни примероци.
Во склоп на Програмата за Трансплантација на органи и ткива која Министерството за здравство интензивно ја развива последниве три години, за прв пат е договорена пет неделна он лајн обука на Вториот тренинг курс за менаџмент на квалитет за ткивни институции, организиран од страна на Европскиот директорат за менаџмент на квалитет и Советот на Европа.
-Со ова се очекува да се зајакнат нашите искуства кон подобро работење и менаџирање на Коскената и мекоткивна банка во склоп на Клиниката за ортопедски болести- вели др Милена Богојевска Доксевска, координатор за трансплантација на Клиниката за ортопедски болести.
Од 2021 година до сега на Клиниката за ортопедски болести се направени 7 експлантации на коскени ткива од починат донор и вкупно 20 пациенти, најголем дел од нив пациенти со малигни болести и тешки повреди на коскениот систем добиле коскено ткиво од починат донор.