Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ на 27 јули го одбележа месецот на борба со остеосаркомот. На оваа клиника на која годишно се оперираат околу 150 случаи на малигни неоплазми на различни делови од мускулно скелетниот систем, годинава за прв пат беше направена трансплантација на коскено ткиво од починат донор кај млада пациентка со остеосарком. Благодарение на оваа операција, денес младата пациентка повторно може да застане на нозе. На операцијата која траеше неколку часа, малигното коскено ткиво на пациентката беше заменето со здраво ткиво од починат донор. До пред неколку години од фондовската каса се издвојувале околу половина милион евра за десетина пациенти, кои што годишно имале потреба да се лекуваат надвор од земјата. Лекувањето најчесто било во медицинските центри во Германија и Австрија. Денес благодарение на достапноста на туморските импланти, а сега и на кадаверичната трансплантација, на Клиниката за Ортопедски болести може целосно да се изврши отстранување на туморот, а потоа и целосна реконструкција на афектираниот екстремитет. Трансплантацијата наоѓа широка примена во третманот на пациентите со саркоми. Клиниката за ортопедија работела трансплантација години нанзад, но трансплантацијата од починат донор е нешто што се работи прв пат и што отвара големи можности за третман на една палета на пациенти со различни дијагнози, особено малигни.
Инаку најголем дел од коскените саркоми се дијагностицирани кај пациенти на возраст помеѓу 10 и 20 години, односно деца и адолесценти. Процентуалната застапеност на саркомите во подоцнежна возраст е значително помала. Мекоткивните саркоми пак се најчести кај возрасната популација под 40 години и кај возрасната група помеѓу 40 и 60 години. Пристапот во лекувањето на малигните тумори на мускулноскелетниот систем е мултидисциплинарен, во него учествува тим составен од ортопедски хирурзи, онколози, патолози, радиолози и васкуларни хирурзи. Пациентите се лекуваат по стандардизирани протоколи кои што се користат секаде во светот, а третманот опфаќа примена на хемотерапија, радиотерапија и хируршки зафат, по соодветно поставената дијагноза.