Управата на ТОАРИЛУЦ најостро реагира до редакцијата на „Здравство.мк“ за текстот „Ургентен центар во ХАОС!!! Специјалисти без право на упат, пациентите без „рушвет“ неможат да дојдат до КТ или МР“, објавен на 01.07.2019 година во 18:16 минути.
Неточна е информацијата дека во последните две недели со наредба им се земени ингеренциите на докторите специјалисти и сите упати што тие ги креираат за упатување на пациентите на снимање со Компјутерска томографија или Магнетна резонанца се блокирани.
Сите доктори имаат можност да креираат упати за пациентите. Не само специјалистите, туку и докторите коишто работат во Ургентен хирушки центар (УХЦ), кои се на смена или доктори кои се повикани од другите хирушки клиники за да го прегледаат пациентот, имаат право и обврска да напишат мислење и да ги доупатуваат пациентите. Тие имаат право да креираат упати за сите активности, дијагностички процедури и третмани коишто не можат да ги извршат во постоечките услови на УХЦ, под услов да бидат примени, прегледани и последователно да биде поставена итна индикација за одредена дијагностичка процедура.
Законска обврска е на раководството на Клиниката, да ја следи и менаџира работата на истата со што на секој пациент му е овозможена соодветна здравствена грижа, во зависност од степенот на итноста, а воедно во соработка со сите хирушки клиники е овозможен стучен мултидисциплинарен пристап за секој пациент, со можност за доупатување за дополнителни дијаностички и терапевтски процедури.
Потенцираме, секој доктор може да креира упат и на ниту еден доктор не му е одземено тоа право.
Апелираме да не се изнесуваат неточни информации во јавноста. Стоиме на располагање за било какво појаснување или одговор, затоа што здравјето на пациентите е најважно.