Денес за прв пат на Универзитетската Клиника за ТОАРИЛУЦ и Клиниката за Торакална и Васкуларна Хирургија,
д-р Филип Наумовски заедно со раководителката на Одделот за Торакална анестезија д-р Анита Кокарева изведена е радикална мастектомија со современ анестезиолошки пристап кај високо ризична пациентка. Анестезиолошката техника подразбираше примена на регионална анестезија каде со помош на ултразвучно водени PEC I и PEC II блокови во комбинација со свесна интравенска седација, без примена на опијати и без примена на општа ендотрахеална анестезија за изведба на Радикална мастектомија.
Пациентката кај која беше применета оваа техника имаше 82 години со напредната деменција и паркинсонизам како и бројни други коморбидитети меѓу кои најзначајни беа хроничната обструктивна белодробна болест, кардиомиопатијата и обезноста. Имајќи во предвид дека овие коморбидитети се сигнификантни ризик фактори за периоперативни компликации и потреба од постоперативна механичка вентилација, анестезиолошкиот план и пристап беше клучен во овозможувањето на позтивен изход.
Имено, кај нашата пациентка по адекватна седација која беше овозможена со примена на хипнотици, но без употреба на опиоиди, беше изведена апликација на периферни невни блокови во литературата познати како PEC1 и 2 со кои се спречува пренесувањето на болните импулси од регијата на дојката.



Најголемата придобивка од примена на овие два блока не беше само аналгезијата туку и можноста оваа операција да се изведе без потреба од инструментација на дишниот пат, без интубација и без примена на механичка вентилација. За таа цел, кај пациенктата беа применети ниски дози на хипнотици со кои се обезбеди сон, а притоа се сочува спонтаното дишење.
Досега ваквите интервенции беа изведувани во општа анестезија која подразбира апликација на опиоиди и мускулни релаксанти како и примена на механичка вентилација.
Оваа техника овозможува избегнување на примената на опиоиди чии несакани дејства се бројни. Во текот на целата хируршка интервенција пациентката дишеше спонтано, без потреба од интубација и механичка вентилација, а оперативниот зафат беше изведен без интраоперативна примена на опиоидни аналгетици.
Ваквиот пристап може да биде од особено значење кај геријатриски и високоризични пациенти со повеќе придружни заболувања, особено кај пациенти со хронични белодробни и кардиоваскуларни заболувања, кај кои интубацијата и механичката вентилација со позитивен притисок можат дополнително да го зголемат периоперативниот ризик.
Досега во литературата се опишани обиди за изведување на хирургија на дојка во свесна седација без примена на општа анестезија со помош на примена на торакалниот Erector Spinae блок, додека со помош на PEC блоковите е опишана во 2019 година од страна на Debbag и Sarıcaoğlu. Досега PEC блоковите биле користени како адјувантна техника на општата анестезија, но не и како единствена анестезиолошка техника за изведба на радијална мастектомија.
Со внимателна селекција на пациентите, соодветен мониторинг и примена на современи техники на регионална анестезија, можеме да го индивидуализираме анестезиолошкиот пристап и кај големи хируршки интервенции, со цел да обезбедиме безбедност, ефикасна аналгезија и што помало физиолошко оптоварување за пациентот.
Овој случај претставува значаен чекор во примената на современата регионална анестезија во хирургијата на дојка и отвора можност за поширока примена на ваквите техники кај внимателно селектирани високоризични пациенти.





