Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување
Анестезиологијата со реанимација и интензивна нега како медицинска специјалност во светот и нашата земја бележи експанзивен развој по втората светска војна. Во првите години по втората светска војна се зголемува бројот од хируршки интервенции, а со тоа и потребата од анестезиолошки процедури. Во Европа, специјализацијата по анестезиологија за доктори за прв пат е воведена во 1947 година. Во Република Македонија од 1960 година се спроведува организирана едукација на доктори за анестезиолошки техники во траење од 6 месеци која се одвива на одделот за анестезија и ресусцитација на хируршките клиники и воена болница во Скопје. Покасно, во 1965 година се зголемува траењето на овие едукации до една година. Тој од 1954 година ја развива анестезиологијата како независна медицинска гранка. Во 1955 година заедно со др. Ѓурѓа Клајич ја изведуваат првата ендотрахеална интубација во Република Македонија на хируршките клиники во Скопје и бил учител на првата генерација анестезиолози. Најважна улога во развојот на современата анестезиологија како гранка во медицинските науки, во РМ има проф, д-р. Владимир Андонов како прв доктор кој специјализирал во Република Македонија, основач и долгогодишен директор на нашата клиника. Почетоците на модерната анестезија датираат од 1965 година со воведување на нови лекови во секојдневната анестезиолошка пракса и воведување на принципи на безбедност во анестезиолошката праклса. Модерната регионална ансетезија започнува со изведувањето на централните неуроаксиларни блокови од страна на проф. Д-р. Лазар Шендов со воведување на спиналната анестезија во секојдневната анестезиолошка пракса кај возрасни и деца. Кардио-анестезијата во Република Македонија била практицирана за прв пат во 1973 година. Првата анестезија на отворено срце е воведена од проф. Д-р. Владимир Андонов, а покасно во 1990 година е продолжена во пракса од страна на проф. Д-р. Трајанка Трајковска, која воведува и нови анестезиолошки техники за операција на трахеа и езофагус. Во периодот од 1992 до 2014 година модерната анестезиологија бележи брз развој. Воведени се многу нови методи во полето на иунтензивната медицина и механичка вентилација од страна на проф. д-р Марија Шољакова и проф д-р Зорка Николова Тодорова. Во 1992 година е направена првата лапароскопска холецистектомија, процедура за чија анестезија беше одговорна др. Вера Шикова. Првиот блок на брахијален плексус е аплициран во 1994 година. Каудален блок во детската анестезија почна да се спроведува од 1990 година од проф. д-р Виолета Милошева. Првиот центар за хронична болка како посебна единица е направен од страна на проф. Д-р Лазар Шендов во 1997 година во склоп на Клиника за Ортопедски болести, а ја продолжи проф д-р Јордан Нојков. Во последната декада анестезијата бележи брз развој и во полето на трансплантациона анестезија.
Првата единица за интензивно лекување е отворена во 1955 година како дел од хируршките клиники во Скопје поради поотребата од интензивен мониторинг кај пациенти по кардиохируршки операции. Современиот пристап во интензивното лекување како посебна наука кај критично болни пациенти е практициран од страна на проф.д-р. Владимир Андонов. Во тој период за прв пат се користи и механичката вентилација кај критично болни пациенти. Практичната примена на интензивно лекување и механичка вентилација продолжува да се развива со брзо темпо и од страна на проф. д-р Зорка Николова Тодорова која беше директор во периодот од 2006 до 2013 година. Во овој период проф. д-р Николова Тодорова воведе нови методи во третманот на критично болни пациенти и во исто време го пренесуваше своето знаење на помлади колеги специјалисти и специјализанти. Освен згрижување и лекување на политрауматизирани и други хируршки пациенти единицата за интензивно лекување на КАРИЛ успешно лекуваше и пациенти со нехируршка патологија кои имаат потреба од механичка вентилација и инвазивен мониторинг. Во октомври 1995 година во единицата за интензивно лекување беше лекуван тогашниот претседател на Република Македонија господин Киро Глигоров по атентатот што му беше извршен. Примариус д-р Јован Јанчулев беше именуван за негов личен доктор специјалист до крајот на животот. Во септември 2000 година е основана единицата за неурохируршко интензивно лекување под раководство на проф д-Марија Шољакова. Одделот за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување при Медицински факултет започнува со научно-едукациска активност во 1975 година која опфаќаше специјализации и постдипломски студии во склоп на предметот хирургија. Од 2000 година предметот анестезиологија и реанимација се одвојува како посебна независна наука во рамките на Медицински факултет. Во последните неколку години едукацијата се прошири и ја вклучи Високата Медицинска Школа од Медицински факултет во Скопје, организирани курсеви за прва помош, постдипломски и докторски студии, како и едукација на специјалисти од други области во полето на критично болни пациенти, интензивно лекување и механичка вентилација.
Денес, одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекуввање функционира во рамките на Клиниката за Трауматологија, Ортопедија, Анестезија, Реанимација, Интензивно лекување и Ургентен центар. Работата ја извршуваат 33 доктори специјалисти по анестезиологија и интензивно лекување предводени од раководителот Доц. д-р Маја Мојсова-Мијовска. Специјалистите работат во 16 операциони сали, централна единица за интензивно лекување и единица за интензивно лекување на неурохируршки пациенти, обезбедуваат анестезии за сите инвестигациски прегледи. Операционите сали се на седум хируршки клиники и на секоја клиника има шеф на анестезиолошки оддел. Единицата има 18 болнички кревети и лекува критично болни пациенти со различна патологија. Најчести пациенти се политрауматизирани кај кои во лекувањето се бележи многу висока стапка на преживување. Освен политрауматизирани пациенти единицата лекува и други хируршки болни, како и болни со нехируршка патологија, невролошка, токсиколошка, инфективна, бубрежна, срцева, реуматолошка, ендикринолошка етиологија и други. И кај овие критично болни пациенти се бележи многу голем успех. Единицата за интензивно лекување спроведува во континуитет нови методи во лекувањето на пациентите како што се: перкутана трахеотомија, ехо на бели дробови и абдомен од страна на анестезиолог интензивист, евакуација на белодробни изливи од страна на анестезиолог-интензивист и др. Во единицата се спроведува богата практична едукација на специјалисти од различна специјалност, суденти и средно медицински персонал. Дополнителни активности кои ги извршуваат специјалистите анестезиолози се следните: анестезиолошка предоперативна проценка, амбулантски анестезии, третман на болка и спроведување на реанимациони мерки и консултации во сите клиники од комплексот “Мајка Тереза”. Одделот за анестезиологија се карактеризира со тимски пристап на работа, пожртвуваност за пациентите, одговорност и успех во лекувањето од највисок степен.
Д-р Вања Трајковска
Д-р Биљана Андоновска